(Фото) Промовирана книгата за деца „Мистриозното јајце“ од младиот автор Оливер Коларевски

Во присуство на најмладите читатели и љубителите на светот на фантазијата во Скопје беше промовирана книгата за деца „Мистериозното јајце“ од младиот Оливер Коларески. „Мистериозното јајце“ претставува современа бајка и е прво дело во Македонија кое е напишано и илустрирано од еден автор, а автентичниот и динамичен илустраторски израз на Коларевски дава посебен печат на ова дело, оживувајќи ги ликовите и интересната фабула на бајката. 

„Љубопитноста и фантазијата се основен двигател на оваа бајка. Тоа е приказна која покажува колку различни погледи и очекувања можат да имаат луѓето за иста работа, благодарение на својата фантазија. Искрено се надевам дека сите љубителни на бајки ќе уживаат во оваа книга“, изјави Коларевски на промоцијата.  

Промоцијата на „Мистериозното јајце“ се одржа во книжарницата „Литература.мк“, а книгата е во издание на издавачката куќа  Арс Ламина. Писателката и уредничка за литература за деца и млади во Арс Ламина, Билјана Црвенковска, на промоцијата истакна: 

„Кога прв пат ги видов илустрациите на Оливер сфатив дека тој не е само илустратор, туку и автор, бидејќи неговите волшебни ликови и надреални суштества, освен што нѐ носеа во еден прекрасен надреален свет, истовремено раскажуваа и приказна. Кога го добив текстот на ’Мистериозното јајце‘ Оливер ме замоли да го коригирам, сметајќи дека тој не е доволно добар раскажувач. Но за кратко сфатив дека воопшто нема што да се коригира. Во рацете имавме прекрасна модерна бајка. Навистина ми е задоволство што имам можност да работам со автор каков што е Оливер и се надевам дека заедно ќе раскажуваме уште многу бајки“. 

Издавањето на книгата „Мистериозното јајце“ е поддржано и од Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“, како и од Министерството за култура на Р. Македонија. 

„Да ѝ се даде шанса на креативноста да создаде нови вредности и нови светови е навистина благороден чин, на кој ние сме особено горди. Наша основна мисија е да создаваме проекти кои на младите креативци ќе им овозможат да работат на конретни идеи кои донесувајќи нова вредност во општеството во целина. Исклучително сме среќни што Оливер Коларевски е дел од тој потенцијал и искрено се надевам на уште многу заеднички проекти“, истакна Ангелка Пеева Лауречниќ, член на Управниот одбор на „Браво Сине“. 

Освен на македонски јазик бајката на Коларески „Мистериозното јајце“ е преведена и на англиски јазик.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести