Маја Ристова, претседател на АММ: Добриот менаџер работи заедно со тимот

Во услови на недоволна грижа за равојот на менаџерите и нивните менаџерски способности, една исклучителна личност со сигурни чекори граби кон остварувањето на својата цел: обединување на сите менаџери и поттикнување на размена на идеи, визии и искуства помеѓу нив. М-р Маја Ристова, Претседателка на Асоцијацијата на менаџери на Македонија е магистер по правни науки, адвокат и менаџер на Адвокатската канцеларија "Ристова".

Таа, на функцијата Претседателка, преку промовирање и развој на лидерски и менаџерски вештини, како и преку вложување во човечки ресурси, цели кон тоа да удри темел за економска преродба на државата.

Како претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија (АММ), кои одлики мислите дека се клучни за едно лице да е добар менаџер?

Сметам дека добар менаџер е личност која планира, организира, координира, екипира, балансира и мотивира во работната средина. Зад добриот менаџер, не работи тим, туку добриот менаџер работи заедно со тимот. Тој има визија и ги мотивира останатите кон брзо и ефективно исполнување на истата. Отворено, искрено, но позитивно и конструктивно разговара со тимот со кој работи.

Според мене, за добар менаџер е важна способноста за аналитичко мислење и брзо реагирање, како и развиена способност за јасна, уверлива идеја, план и предлог во пишан и вербален облик. Самоиницијатива, самоконтрола, систематичност, способност за рационална организација и склоност за тимска работа, се едни од основните одлики на добриот менаџер.

Кој е главниот фокус на Асоцијацијата на менаџери на Македонија и што целите да постигнете?

Асоцијација на менаџери на Македонија е основана со цел да создаде добро организирана и независна мрежа на менаџери, која заеднички ќе се избори за повеќе права и поголемо внимание од страна на државата. Во тоа и успева, со оглед на тоа што интересот за членување во истата секојдневно расте, па оттука и бројот на менаџери кои што се обединуваат и вмрежуваат, се зголемува.

Како претседател на Асоцијацијата на менаџери што е тоа што Ве води во постигнување на целите на организацијата?

Она што најмногу ме води и мотивира е желбата на нашето членство за одредени економски реформи во општеството. Тоа ми покажува дека менаџерската фела не “спие”, туку се обединува и покажува интерес да реагира на секое законско решение кое би можело да биде на нивна штета.

Кои се придобивките на еден менаџер доколку стане дел од Асоцијацијата на менаџери на Македонија?

Секој менаџер кој е член на нашата Асоцијација, најпрвин директно се вмрежува со останатите членови, кое пак значи меѓусебно остварен контакт и директна можност за нивна соработка. Понатаму, членовите се едуцираат преку тренинзи во областа на менаџментот, но и презентираат одредена деловна потреба и/или проблем, кој понатаму заеднички наоѓаме солуција за решавање.

Овие деловни проблеми, во одредени периоди директно ги презентираме и до владини претставници, со цел државата да се запознае со истите, но и заеднички да пристапиме кон решавање.

Нашите членови имаат можност и интернационално да се вмрежуваат, со оглед на тоа што имаме одлична меѓународна соработка и со асоцијациите од регионот.

На 21-ви го правите изборот за најдобар менаџер на годината. Кои се карактеристиките кои ќе бидат клучни за изборот?

Да, годинава за прв пат организираме Избор за најдобар менаџер за 2017. Изборот ќе се направи од лица-менаџери кои испратиле апликација до АММ, независно од тоа дали се наши членови или не.  Клучни карактеристики ќе бидат неговиот покажан успех, зголемениот промет и зголемениот број на вработени, освоените нови пазари, општествено-одговорните активности и константниот прогрес на компанијата која тој ја менаџира.

Кои се најважните работи со кои се здобиваат Вашите членови?

Знаење, искуство, помош, поддршка и промоција.

Како адвокат и претседател на Асоцијацијата на менаџери на Македонија како наоѓате време за завршување на сите обврски и како го балансирате приватниот и професионалниот живот?

Секогаш се наоѓа време за нешта кои ги работите со многу љубов.  Точно е дека, за да ги завршам беспрекорно и навремено сите обврски,  работам повеќе од 40 часа во текот на работната седмица, понекогаш и за викенди, но сепак тоа сама го избирам, затоа што ме исполнува.

Да бидам искрена, засега тешко го балансирам професионалниот и приватниот  живот,  поради тоа што имам многу професионални обврски, но, не се жалам, таа динамика на активен живот ме прави среќна и го исполнува мојот дух. Сметам дека свесно го избирам ова, па затоа и не ме загрижува.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.