Купете подароци, ставете ги под елката на „еМагазин“ во Сити мол и ние ќе го однесеме на деца што немаат

3335 Views Декември 19, 2017 Да помогнеме Силвана Жежова

„еМагазин“ заедно со 12 респектибилни македонски медиуми и во соработка со Сити мол, учествува во голема Новогодишна хуманитарна акција, во рамките на која, ќе се донираат подароци за деца од социјално загрозени семејства.

Новата година и божиќните празници се време на дарување, но има многу семејства, кои ниту можат да купат, ниту имаат од кого да примаат подароци. Затоа, ние медиумите сакаме да ја подигнеме свеста и да ја разбудиме емпатијата кај нашите сограѓани, дека не треба да купуваат само за најблиските, тоа може да го сторат и за некое „непознато дете“, кое навистина нема.

На вториот кат од Сити мол, има 12 природни елки кои се новогодишно декорирани и секоја од елките, претставува по еден медиум. Веднаш до нив има табли, на кои се запишани семјствата за кои граѓаните може да донираат. „еМагазин“ првите подароци ги купи за семејството Кочоски, во кое има пет деца.

И вие може да купите за:

- момче 13 години

- момче 4 години

- девојче 10 години

- девојче 8 години

- девојче 6 години.

Како граѓаните може да донираат?

Пред секоја елка, има табла со информација за кое семејство ќе бидат наменети подароците, како и за полот и возраста на децата, за да им се олесни на хуманите граѓани, околу изборот за новогодишни подароци, кои ќе сакаат да ги донираат. Во близина на елките, во дрвено куќарки има волонтери кои ќе бидат достапни за сите заинтересирани посетители, да им излезат во пресрет, и да им помогнат околу превземањето на подароците и дополнителни информации околу кампањата.

Хуманата акција ќе трае до 4 јануари 2018 година и во пресрет на Бадник и Божик, медиумите ќе ги посетат домовите на овие 12 семејства и ќе им ги врачат подароците. Во овие студени зимски денови да ги стоплиме и усреќиме детските срца!

Покрај „еМагазин“, во кампањата се вклучени телевизиите „Телма“ и „ТВ 21“ порталитe „Сакам да кажам“, „МКД“, „Женски магазин“, „Фактор“, „Риборн“, „Мак Мода“, „Оффнет“, „А1он“, и „ Сити“ радио.

Фото: Different Photography

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.