Да ги израдуваме петте деца на Благе: Купете подарок и оставете го под елката на еМагазин во Сити мол

4391 Views Декември 23, 2017 Да помогнеме Силвана Жежова

Приказната за семејството Кочоски, еМагазин ја пишуваше во февруари 2015 година. Лично се уверивме во условите во кои тогаш живееја, во нивната трошна куќа во Драчево, стара 120 години. Тогаш кога ги посетивме, децата беа на училипте, а Благе и Даниела бараа куќа, бидејќи мораа од таму да се иселат.

До тој момент, семејството девет години се „влечкаше“ низ институциите, барајќи чаре за нивната ситуација. Ги имаа поднесено сите можни документи со барање за социјален стан. Но, институциите ги препраќаат од едно на друго место, како пинг-понг топче. 

Благе, по професија е пекар, и сега тоа го работи. А, неговата сопруга Даниела не работи туку се грижи за децата момчињта на 12 и тригодишна возраст и девојчињата на возраст од 10, 8 и 5,5 години.

Тогаш, а и подоцна, се обидовме да влијаеме врз институциите, гласот на овој човек да се слушне, и семејството да биде згрижено.

„еМагазин“ тогаш побара одговор од институциите, кога Благе беше исфрлен на улица од трошната куќа во Драчево, која во секој момент можеше да им се сруши врз глава.

Тогаш, од одделението во претходната Влада, каде што беа примени документите, ни кажаа дека се одмори и дека работата може да се потера од септември.

„Запознаени сме со случајот на ова семејство, но треба да се одржи седница на Влада од септември. Ќе го ставиме како приоритетен,“ добивме ветување оттаму.

Од објавувањето на приказната, па и потоа, со Благе бевме постојано во контакт. Заеднички, секој на свој начин вршевме притисоци, за што побрзо да се реши станбеното прашање, за семејството да не остане на улица.

За среќа, во јануари 2016 година, на наше големо задоволство, приказната доби среќен крај. Семејството Кочоски, Благе, неговата сопруга Даниела и петте деца добија социјален стан во Карпош 4.



Но во ова семејство работи само Кочо, а Даниела се грижи за децата. Оттука, нивната финансиска состојба е незавидна, па „еМагазин“ реши, подароците од хуманитарната акција „12 елки-12 медиумски приказни“ да им ги подари ним.

„еМагазин“ заедно со 12 респектибилни македонски медиуми и во соработка со Сити мол, учествува во голема Новогодишна хуманитарна акција, во рамките на која, ќе се донираат подароци за деца од социјално загрозени семејства.

На вториот кат од Сити мол, има 12 природни елки кои се новогодишно декорирани и секоја од елките, претставува по еден медиум. Веднаш до нив има табли, на кои се запишани семјствата за кои граѓаните може да донираат. „еМагазин“ првите подароци ги купи за семејството Кочоски, во кое има пет деца.

И вие може да купите за:

- момче 13 години

- момче 4 години

- девојче 10 години

- девојче 8 години

- девојче 6 години.

ПРОЧИТАЈТЕ ЈА И ОВАА СТОРИЈА

Купете подароци, ставете ги под елката на „еМагазин“ во Сити мол и ние ќе го однесеме на деца што немаат

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.