Авторката на „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“: Децата кои ставија петарда во устата на кучето, растеле ли со со приказни и книги

Вчера во „Литература.мк“ беше промовирана книгата „Кучешки приказни од Тафталиџе 1“ од авторката Јасмина Кантарџиева Димков.Таа се заблагодарува на сите што заедно со дечињата дојдоа на промоцијата на книгата, каде што, како што вели се „заговарало“ читање на детска литература, воопшто.

„И за среќа, имаше доста заинтересирани за ваквите „страшни“ заговори, кои се ретки во денешно време дури и меѓу, без некого да навредам, самите професори вклучени во процесот на образование на нашите деца, а уште помалку меѓу се повеќе „индустријализираните“ родители“, вели Кантарџиева Димков за „еМагазин“.

Таа додава дека сега кога сме свесни дека е запоставена, време е да и се вратиме на детската литература,  да се трудиме да украдеме што повеќе моменти од нашиот вртоглав ден, читајќи им книги на нашите деца и најпосле, време е и ние самите малку да станеме подетинести, да ја гушнеме природата и другите живи суштества, кои живеат со и меѓу нас, да си ги гушнеме и нашите најблиски, оти видовме „сериозноста“ до кај не дотурка.

Кантарџиева Димков вели дека книгата е пишувана на почетокот на годината, кога беа актуелни немилите настани со инцидентните убиства на четвороножните премили животни.

„ До крајот на истата година тие „инцидентни убиства“ со поставување на отрови за нашите пријатели, и секако пријатели на децата, станаа масовни закани не само за кучињата, туку и за нас, луѓето и за нашите деца. Како нашите иструени, исфрустрирани животни отрови да се излеаја на улиците. А нели морална задача ни е да ги учиме нашите деца и внуци како да бидат подобри луѓе, дури и кога социјалните, општествените и политичките околности не ни се баш по мерка? Да израснеме од нив луѓе кои ќе бидат далеку подбри од нас и од „ова“ што не опкружува“, додава таа.

За себе вели дека е израсната во некое друго Скопје веројатно, во кое ни случајно не можеа да се замислат случаи од типот на ставање на петарди во устите на нашите четвороножни пријатели, каков што е актуелниот случај со некои „нови деца“ деновиве.

„ Кои се тие и слични деца од нашиот град? Растеле ли таквите деца со приказни и книги? „Заговарале“ ли нивните блиски часови по читање, па макар и навечер, непосредно пред заспивање?“, прашува Кантарџиева Димков.

Таа не е зачудена што е тоа така во ова време во кое петардите се најбучното средство за масовна комуникација за придобивање на публика и егзалтација. 

„Кога на социјалните мрежи испраќаме пораки „постирани“ со по десет петарди од секој прст, кога добар дел од медиумите се сведуваат на пласирање на „петардистички“ наслови, а културните рубрики и редакции или се згаснати или се сместени некаде на левиот агол од „13-тата страница“, не можеме да очекуваме ништо порозово“ додава Кантарџиева Димков.

Таа додава дека писателите на книги за деца знаат дека белите странички кои треба да се исполнат трпат само искреност, добра современа приказна, малку или повеќе фантазија, убави и корисни пораки и добар чекор со современите случувања и воопшто со трендовите со кои живеат нашите деца. 

„Не трпат манипулации со зборот, не трпат политизирање, хистерични пристапи кон една тема ниту пак, многу „солење“ памет. Среќна сум дека „Кучешките приказни од Тафталиџе 1“ е моја трета книга за деца, а на пат е и четвртата. Се надевам дека тоа значи дека на децата сум им веќе пријателка од доверба. Инаку, во оваа книга има и странички кои се посветени на нивните приказни и цртежи на истата тема. 

Па, ако нешто не им „штима“ во приказната за кучињата, нека го променат онака како што тие мислат дека треба да биде, за да биде подобро. А, приказните пак ќе си ги пишуваме, на некој начин, заедно. Оти без да се биде во чекор со овие модерни деца, кои растат со „Гугл“ и„Паметни телефони“, тешко дека и може да напишеме модерна приказна. Така, ние учиме од нив, тие пак, од нас. Чиста и тимска работа како заедно да напредуваме во подобри луѓе“, објаснува Кантарџиева Димков.

 

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести