Интервју на српскиот епископ бачки Иринеј: Скопје бара волшебен премин од раскол во регуларност

919 Views Декември 25, 2017 Интервју Никола Осило

Епископот бачки Иринеј водеше опсежен разговор за белградскиот дневен весник „Вечерње новости“.

Во продолжение го пренесуваме делот од интервјуто, во кој, Епископот бачки Иринеј зборува и за неканонската одлука на Бугарската Православна Црква, која се однесува на канонската јурисдикција на Православната Охридска Архиепископија.

Неодамна се вративте од Москва, од Архиерејскиот Собор на Руската Православна Црква, свикан заради одбележување на стогодишнината од обновата на патријаршиската служба во Русија и изборот на светиот исповедник Тихон за прв Патријарх Московски и на цела Русија, после епохата на Петар Велики.

Колку Ве охрабри пораката на Патријархот Кирил, дека Српската Православна Црква треба да го сочува канонското единство во сите свои историски предели? Дали таа порака, според Ваше мислење, е јасна поддршка на цврстиот став на Српската Православна Црква по повод неканонската одлука на Бугарската Црква под своја закрила да ја прими непризнатата Македонска Православна Црква?

„Соборот во Москва и севкупната прослава на јубилејот беа навистина величествени, со учество на речиси сиот руски епископат и делегации од скоро сите автокефални Цркви, најчесто на чело со патријарсите или другите поглавари, исто така со учество на руската држава и рускиот претседател, јавноста на градот Москва и многубројни верници.

На Литургијата во Храмот на Христа Спасителот сослужуваа околу четиристотини и педесет православни епископи. После овој краток воведен коментар за природата на посетата на Претстојателот на нашата помесна Црква и неговата придружба во Москва, накратко ќе одговорам и на Вашето прашање.

Ставот на Патријархот московски Кирил, што го наведувате, не е нов: тоа е негов традиционален, принципиелен став, како во однос на Српската Православна Црква, така и во однос на сите Православни Цркви. Ако било кој во православната вселена отстапи од таквиот став, неговата постапка би можела да постане динамит под севкупната градба на канонското и организационо устројство на Православна Црква во целина, и сериозно да го загрози нејзиното единство.

Во овој контекст, тој став понатаму значи, по логика и автоматизам, и поддршка на нашата Црква по прашање на расколите изникнати на нејзиното канонско подрачје, а пред сѐ по прашањето на „Македонската Православна Црква“, којашто во расколот истрајува, еве веќе полн половина век (1967 – 2017).

Што се однесува, пак, на спорната одлука на Бугарската Православна Црква, треба да се напомене дека нејзината содржина е позната од медиумските известувања и коментари, но таа сѐ уште не е официјално доставена ниту до Вселенската Патријаршија, ниту до Српската Православна Црква, ниту до останатите сестрински Православни Цркви.

Притоа морам да дадам една исправка: во таа одлука не се вели дека Бугарската Православна Црква „ја прима под закрила“ спомнатата Црква во раскол, туку е волна, по молба, да се обиде да посредува кај другите православни Цркви, за нејзино излегување од статусот на неканоничност.

Бугарската Православна Црква е сепак свесна за фактот дека не смее да се огреши во однос на сеправославниот консензус, ниту во однос на својот полувековен солидарен православен курс, а особено дека не смее, во служба на еден раскол, себе си да се доведе во опасност повторно и самата да западне во раскол, и со Мајката Црква во Цариград, и со другите Православни Цркви, бидејќи и самата седумдесет години беше во раскол поради етнофилетизам, и, најдобро знае каков ужас претставува да се биде во раскол со браќата и сестрите по вера.

Епископите на соседната православна земја, Бугарија, се наоѓаат помеѓу Сцили и Харибди: Сцила е притисокот на политичките власти и јавното мнение, на кои, и тоа како им одговара ирационалната иницијатива од Скопје, бидејќи со неа имплицитно се прифаќа официјалното државно-црковно бугарско гледиште според кое Македонците се органски дел на бугарската нација („тоа е наш народ“, изјави бугарскиот Патријарх Неофит), а Харибда е ризикот од било какво „флертување“ со било каква расколничка организација, а Бугарската Православна Црква до неодамна имаше таква и „во сопствениот двор“. Набљудувајќи ги нештата од овој агол, имам впечаток дека Синодот на Бугарската Православна Црква даде прилично внимателна изјава, препуштајќи ја работата, ми се чини, на времето, на тоа „мајсторско решето“, и на сеправославната одговорност.

Како, во овој миг, може да се објасни и да се протолкува тоа што, на барање на т.н. Македонска Црква, Бугарската Патријаршија официјално ја прифатила улогата на „Мајка Црква“ и на главен застапник на македонските интереси во борбата за самостојност на Црквата во таа земја? На кого му оди во прилог таквата напнатост, којашто ја предизвика огласувањето на Бугарската Патријаршија?

Како што следи од досега реченото, Бугарската Патријаршија, еднострано и неканонски, си зеде на себе улога на „посредник“ , па и на „арбитар“, но себе си не се прогласи за „Мајка Црква“, како што од страна на Скопје ѝ е галантно понудено.

Понудената „трампа“ - вие нам автокефалија, без обѕир на другите Православни Цркви, а ние вам титула на наша Црква Мајка... - би била крајно необична, да не е просто неверојатна.

Тука не е главен проблем што понудата, всушност е нечесна, бидејќи Скопје бара сѐ (волшебен премин од раскол во регуларност, без покајание и било каква канонска процедура, а како „мираз“ уште и автокефален статус), а за возврат не нуди ништо. Називот Црква Мајка, имено не произведува никакво црковноправно дејствие во меѓусебните односи на автокефалните Цркви: автокефалниот статус, само по себе, ги прави сите Цркви да бидат сестрински Цркви, во сѐ еднакви и полноправни, а називот Црква Мајка фигурира како Titel ohne Mittel (титула без содржина), како знак на благодарно сеќавање на времето на стекнување автокефалност.

Главниот проблем е во тоа што духовното мајчинство не може да се прогласува по нечија желба, туку само може да се констатира како историска даденост. Може ли некој од нас, како физичко лице, да си бира и да си одредува себе си мајка, или, сакал не сакал, мора да знае дека има мајка откако е жив?

Историските текови се секогаш чудни и бурни. Во нашиот случај, постоеше период кога Црквата на српските земји се наоѓаше во составот на Охридската Архиепископија, па период кога Црквата со катедра во Охрид и Црквата со катедра во Пеќ живееле паралелно како автокефални сестрински Цркви, па период во кој двете биле укинати и претворени во епархии на Цариградската Патријаршија, период во кој Српската Православна Црква повторно стекнува автокефалност (1879 г.), потврдена после соединувањето на покраинските Цркви (1922 г.), и најновиот период, во кој Охридската Архиепископија се наоѓа под јурисдикција на Српската Патријаршија, со општо признат статус на најширока црковна автономија. Дали тука нешто, кога и како ќе се менува, тоа го оставаме на иднината.

Меѓутоа сигурно е дека за улога на Бугарската Православна Црква како Црква Мајка во однос на Скопје, не може да станува збор. Неодамна, на 14 Декември, Светиот Синод на Еладската (Грчката) Црква, официјално ја изрази својата загриженост поради мешањето на Бугарската Православна Црква во јурисдикцијата на друга Православна Црква т.е. Српската Црква, што претставува, како што понатаму се наведува во соопштението од Атина: „чин спротивен на свештените канони и Преданието на Црквата со кој се превидуваат канонските овластувања и водечката улога на Вселенската Патријаршија, што може да биде почеток на немили случувања“.

Доколку некој, на сето тоа, би кажал да не се гледа на денешното туку на некогашното канонско устројство и доколку би ја прифатиле таквата бесмислена можност, резултатот повторно би бил ист: во минатото сите - Москва, Пеќ, Охрид, Трново, односно Софија, и така натаму - сме имале само една Црква Мајка, а тоа е Великата Христова Црква во Цариград.

Интегралниот текст на интервјуто можете да го прочитате ТУКА.

Фото: Вечерње новости/Дарко Дозет

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести