Какви информации се објавени во „Оган и бес“ - книгата која го налути Трамп

827 Views Јануари 6, 2018 Свет Редакција Емагазин

Во книгата „Оган и бес: Во Белата куќа на Трамп“, чиј автор е Мајкл Волф, поранешен колумнист на „Њујорк магазин“ и „Венити Фер“, се наведува дека Трамп не очекувал изборна победа, дека не бил подготвен за таа функција, како и дека „претседателот на САД ништо не чита“.

Книгата е заснована на повеќе од 200 интервјуа со претседателот на САД, негови најблиски соработници и членови на администрацијата, а во која се опишува внатрешната борба во Белата куќа, дури и тоа дека некои од најблиските соработници на Трамп изразуваат презир кон него.

Трамп, судејќи по се, во книгата најмногу го погодиле коментарите на поранешниот соработник Стив Бенон, кој го смени минатата година, а се однесуваат на состаноците со Русите во кулата „Трамп“ во Њујорк.

Американскиот претседател како што изгледа раскрстил со својот поранешен главен стратег и близок соработник од времето на претседателската кампања, Стив Бенон, откако овој екстремен десничарски популист остро ги критикуваше синот и зелот на Трамп поради „предавнички“ состанок со Русите.

- Стив Бенон нема ништо со мене, ниту со моето претседателство. Кога беше сменет не само што ја изгуби работата, туку го изгуби и разумот. Стив не ја претставува мојата база, тој е тука само поради себеси, соопшти Трамп.

Бенон претходно го опиша состанокот на синот на Трамп со група Руси во кулата „Трамп“ како „предавнички и непатриотски“, а тоа му го кажал и на Волф и го предупредил дека истрагата за наводен дослух со Кремљ ќе се фокусира на перење пари, пренесе британскиот весник „Гардијан“.

- Ќе го скршат Дон јуниор како јајце на Националната телевизија, изјави Бенон.

Бенон беше шеф на кампањата на Трамп во последните три месеци, а потоа и главен стратег на Белата куќа седум месеци, додека не доби отказ и се врати на својот ултраденичарски сајт „Брајтбарт њуз“.

Тој особено остро го критикуваше Трамп поради состанокот што се одржал во јуни 2016 година во кулата „Трамп“ во Њујор, на кој освен претседателот присуствувале и син му Доналд Трамп помладиот, зетот Џаред Кушнер, тогашниот шеф на кампања Пол Манфорт и руската адвокатка Наталија Веселњицкаја.

Бенон наведува дека синот на Трамп отишол на состанокот откако посредници му ветиле „инкриминирачки материјал“ против Хилари Клинтон, главната ривалка на Доналд Трамп во претседателската трка.

- Тројца високи функционери во кампањата мислеа дека би била добра идеја на состанокот со странска влада во кулата „Трамп“ во собата за конференции на 25-от спрат да се оди без адвокати! Дури и да мислеле дека тоа не е предавство, ниту патриотско, ниту некоја лоша работа, а јас мислам дека било токму сето тоа, требало веднаш да го повикаат ФБИ, наведе Бенон и додаде дека таков состанок требало да се одржи во присуство на адвокати и информациите од состанокот да се објават во медиуми.

Волф во книгата меѓу другото пишува дека Трамп не очекувал победа над Хилари Клинтон на изборите за претседател на САД во 2016.

- Целта на Трамп не беше овалната канцеларија, туку беше возбуден поради популарноста и можноста да го развие својот бренд. Дури кокетираше со идејата да почне сопствена телевизиска мрежа, се наведува во книгата.

Волф изнесува и тврдења на некои луѓе блиски на претседателот дека неговата сопруга Меланија Трамп за време на изборната ноќ откако било извесно дека тој ќе ја победи Клинтон, била во солзи и тоа не „солзи радосници“.

- Бенон ја опиша метаморфозата на Трамп - во помалку од еден час збунетиот Трамп се претвори во Трамп во неверување, па и уплашен Трамп. Но, следеше конечна трансформација: Трамп стана човек кој веруваше дека тој заслужува и дека е целосно способен да биде претседател на САД, пишува Волф.

Во книгата се цитира и мејл од шефот на Националниот економски совет на САД, кој кружел во Белата куќа во април минатата година. Во тој мејл пишува дека претседателот на САД ништо не чита - ниту меморандуми, ни куси документи за политика, како и дека од состаноците со светските лидери станува на половина „затоа што му е здодевно“.

Исто така, во книгата се истакнува дека поранешниот шеф на кабинетот Ренс Прибус, Стив Бенон и Џаред Кушнер постојано се бореле „кој ќе биде силата зад тронот на Трамп“.

Веќе неколку дена трае борбата на адвокатите на Трамп книгата да се повлече од продажба. Како што пишува „Гардијан“ адвокат на Трамп, на Волф и неговиот издавачи им испратил писмо во кое се бара веднаш да се запре со дистрибуција на книгата. Адвокатите го обвинуваат Волф дека „навел лажни и/или неосновани изјави“ за Трамп, но и дека размислуваат за тоа Волф да го тужат за клевета.

Како што наведува „Гласот на Америка“ во оваа книга никој не е поштеден. Волф тврди дека Иванка Трамп го исмејува својот татко за тоа како се чешла. Авторот исто така пишува дека претседателот често нарачува храна од Мекдоналдс затоа што се плаши дека ќе биде отруен.

Белата куќа од друга страна книгата ја нарече „лоша таблоидна измислица“.

- Мислам дека одвратно е вистински збор за тоа кога зборувате невидени и целосно лажни работи за претседателот, неговата администрација и семејство, изјави портпаролот на Белата Куќа, Сара Хакаби Сандерс.

Според неа, оваа книга е „грешка една по друга“.

Во книгата „Оган и бес“ Бенон тврди и дека специјалниот обвинител Роберт Мјулер сега ги истражува врските на Изборниот штаб на Трамп и Русија, а дека фокусот е на перењето пари.

Роберт Мјулер веќе го објави поранешниот менаџер на кампањата на Трамп, Пол Манафорд и уште еден соработник на Трамп, Рик Гејтс за перење пари поради лобирање за Украина пред изборите во 2016, а некогашниот советник за национална безбедност Мајкл Флин и советникот на надворешна политика Џорџ Пападопулос ја признаа вината за тоа што го лажеле ФБИ за своите контакти со Русија. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.