(Фото приказна) Детските очи светнаа како ѕвездички, кога хуманоста на граѓаните влезе во домот на Кочоски

Повеќе од 30 подароци кои, хуманите граѓани, здруженија, компании ги донираа под елката на „еМагазин“ во Сити мол, ги однесовме во семејството Кочоски и ги израдувавме Столе, Стефанија, Дијана, Јована и Теодор.

Детските очи синоќа сјаеја како ѕвездички, кога со полни кутии подароци им се појавивме на врата. Уште на влезот од станот, кој патем им е даден на користење од државата и за кој одвојуваат по 3.000 денари месечно, воочлива беше сиромаштијата во која живеат.

Како и секое дете, беа нетрпеливи да отворат и да видат што е спакувано под украсните хартии на подароците купени од хуманите луѓе. Кога ги здогледоа своите омилени чоколади, играчки, гардероба, книги на среќата им немаше крај.

Многу од овие основно работи за нив се луксуз, џебот на родителите е преплиток за да им го обезбедат она што овие пет деца го заслужуваат. Бидејќи, 1.000 денари имаат различна вредност, во зависност од паричникот во кој се наоѓаат.

Првите подароци за нив, ги купи еМагазин. Решивме тоа да биде топла гардероба за студените зимски денови. Големината ја биравме според возраста и полот на детето.

Но, најпоразителен факт за таа вечер ќе остане, е што овие деца физички се многу помали од возраста за која треба да бидат. Облекувајќи ги хеланките на Стефанија, под рацете ги чувствував само нејзините ковчиња. Сфатив дека, нема за што да се задржат. Си заминав со прашањето, имаат ли бре што да јадат секој ден?

За нив, не е решение само инстант помош, туку поголема институционална грижа, која повеќе ќе обезбеди она што секојдневно е потребно за овие деца. Тие одат во градинка и на училиште, но дали ги имаат сите потребни работи како другите деца?

Во разговор со петгодишната Јована, ја прашувам, дали се сликала со Дедо Мраз, ми вика да, но сите деца земаа слики, само мене не ми дадоа.

Што можев да кажам или да прашам, колку чинеше сликата?

Кое е семејството Кочоски?

Приказната за семејството Кочоски, еМагазин ја пишуваше во февруари 2015 година. Лично се уверивме во условите во кои тогаш живееја, во нивната трошна куќа во Драчево, стара 120 години. Тогаш кога ги посетивме, децата беа на училипте, а Благе и Даниела бараа куќа, бидејќи мораа од таму да се иселат.

До тој момент, семејството девет години се „влечкаше“ низ институциите, барајќи чаре за нивната ситуација. Ги имаа поднесено сите можни документи со барање за социјален стан. Но, институциите ги препраќаат од едно на друго место, како пинг-понг топче.

Благе, по професија е пекар, и сега тоа го работи.Тогаш, а и подоцна, се обидовме да влијаеме врз институциите, гласот на овој човек да се слушне, и семејството да биде згрижено.

„еМагазин“ тогаш побара одговор од институциите, кога Благе беше исфрлен на улица од трошната куќа во Драчево, која во секој момент можеше да им се сруши врз глава.

Тогаш, од одделението во претходната Влада, каде што беа примени документите, ни кажаа дека се одмори и дека работата може да се потера од септември.

„Запознаени сме со случајот на ова семејство, но треба да се одржи седница на Влада од септември. Ќе го ставиме како приоритетен,“ добивме ветување оттаму.

Од објавувањето на приказната, па и потоа, со Благе бевме постојано во контакт. Заеднички, секој на свој начин вршевме притисоци, за што побрзо да се реши станбеното прашање, за семејството да не остане на улица.

За среќа, во јануари 2016 година, на наше големо задоволство, приказната доби среќен крај. Семејството Кочоски, Благе, неговата сопруга Даниела и петте деца добија социјален стан во Карпош 4, кој порано и припаѓал на познатата македонска пливачка Атина Бојаџи.

Но ова е само еден чекор во потребната помош за овие деца, мора да се најде институционален начин како материјалната состојба на ова семејство ќе се подобри, за тие детски очи да светат секој ден, а не само еднаш годишно.

Хуманитарна акција не е решение, таа е само инстант-среќа!

Фото: Different Photography

ПРОЧИТАЈТЕ ГИ И ОВИЕ СТОРИИ

(Фото) Граѓани, компании се вклучуваат во акцијата во Сити мол, донирајте и вие за семејствата на кои им треба помош 

Да ги израдуваме петте деца на Благе: Купете подарок и оставете го под елката на еМагазин во Сити мол

Купете подароци, ставете ги под елката на „еМагазин“ во Сити мол и ние ќе го однесеме на деца што немаат

jQuery Slider
При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.