„ЕУОбсервер“: Можно е земјите од Западен Балкан да бидат примени во ЕУ во 2025 година

Брисел планира да вети дека „вратите“ на Европската унија за земјите од Западен Балкан ќе бидат отворени во 2025 година, но под услов државите од регионот да ги решат меѓусебните несогласувања, тврди порталот „ЕУОбсервер“, повикувајќи се на предлог-документ, што, како што се наведува, треба да биде усвоен на 14 февруари. 

- Нашите партнери на Западен балкан имаат историска шанса. Првпат во историјата перспективата на нивното пристапување има временска рамка, пишува во стратешкиот предлог-документ, со појаснување дека рокот се однесува на „најдобрите сценарија“.

Во текстот се наведува дека со силна политичка волја, спроведување на реформите и трајни решенија со соседите, Црна Гора и Србија можат да бидат подготвени за членство до 2025 година. 

До тогаш Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово „би требало значително да напредуваат на европскиот пат“, како и дека „преговорите за членство би требало да бидат во понапредна фаза“. 

Документот е значителна промена и во позицијата на Брисел, особено откако претседателот на Европската комисија Жан-Клон Јункер во 2014 година посочи дека ново проширување на Унијата нема да има во „блиска иднина“.

Црна Гора и Србија веќе го започнаа преговорите за членство, Македонија и Албанија тоа го очекуваат во текот на оваа година, додека Босна и Херцеговина чека одобрување за кандидатски статус, откако ќе ги достави одговорите на Прашалникот на Европската комисија. 

Но, во документот се предупредува дека меѓусебните недоразбирања меѓу земјите можат да бидат пречка на „амбициозниот план“.

- ЕУ нема и не може да ги преземе билатералните судири. Поради тоа нашите партнери од Западен Балкан мораат итно да ги решат постоечките несогласувања, се истакнува во документот. 

ЕУ ќе предложи граничите спорови да бидат дадени на меѓународна арбитража во Хаг, а донесените одлуки да бидат испочитувани. Тоа особено се однесува на Белград и Приштина, чија нормализација на односите ќе биде клучна за напредок кон членството во ЕУ на двете земји. 

Новата агенда на Јункер за Западен Балкан, истакнува „ЕУОбсервер“, ќе биде формулирана за време на бугарското претседавање со Унијата, што започна на почетокот на годинава. 

Како што јави МИА, ЕУ ќе одржи самит за Западен Балкан на 18 мај во Софија, а Европската комисија во април ќе ги објави редовните извештаи за напредокот на земјите.

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.