Четкар за првпат ќе настапи со септет од познати македонски музичари во Станица 26

Mакедонскиот џез и фанк гитарист, Владимир Василевски – Четкар за првпат ќе настапи во Македонија со септет, составен од познати македонски музичари како: Ѓоле Максимовски на бас, Филип Стевановски на тромбон, Борислав Веселинов на тенор саксофон, Демир Катуровски на труба, Виктор Филиповски на тапани и Гордан Спасовски на клавијатури, на 17 јануари со почеток во 21.30 часот во ноќниот клуб „Станица 26“. 

Четкар, кој живее и работи во Њујорк, а музицира буквално низ целиот свет и досега има настапувано на сите светски релеватни џез фестивали и клубови, не сака да го скрие големото задоволство што настапува на домашен терен со извонредни македонски музичари: 

„Го познавам добро тимот кој стои зад „3Гонга“ и знам дека станува збор за исклучителни познавачи на музиката, кои работат со голема посветеност и љубов. Има голем ентузијазам и кај мене и кај нив за оваа наша соработка и воопшто не се сомневам дека ова ќе биде еден прекрасен концерт. Досега во Македонија најчесто сум настапувал со секстет, квартет или трио, а ова ќе биде за првпат да настапам тука со септет. Ќе свирам своја авторска музика и аранжмани од моите два албума, а ќе отсвирам и неколку композиции, кои оваа година ќе се најдат на мојот трет студиски албум“, вели Четкар.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.