Сте вратиле производ со рекламација: Знаат ли потрошувачите кои се нивните права?

Сте купиле нов ладилник, но после еден месец не лади како што треба. Треба да го вратие во салонот за бела техника. Дали ќе ви дадат нов ладилник или ќе го поправат стариот? Дали го чувате гарантниот лист и фискалната сметка?

Голем дел од потрошувачите во Македонија не си ги знаат своите права кога станува збор за рекламација на
производ.

Според Законот за потрошувачи, за да ги оствари своите права, потрошувачот е должен да приложи фискална сметка за  производот, односно јасно видлива и читливо напишана сметкопотврда или фактура, а за оние производи кои се под гаранција и гарантен лист. 

Ова се правата на потрошувачите и трговците ако дојде до рекламација на производ:

Кои се обврските на трговецот?

Трговецот или производителот е должен да го прими производот со недостаток од потрошувачот и да ги задоволи неговите барања, освен ако не докаже дека недостатоците на производот настанале поради повреда на правилата за употреба и чување од страна на потрошувачот, трети лица или виша сила.

Доставувањето на производи погабаритни од 1м3, или потешки од 10 кг, заради поправка, процена, замена или враќање на потрошувачот, се остварува бесплатно од страна на трговецот.

Во случај на неисполнување на оваа обврска и во случаите кога во местото на живеење на потрошувачот нема трговец или производител, доставувањето и враќањето на производот може да го направи самиот потрошувач. Во таков случај, трговецот е должен да му ги надомести неопходните трошоците кои се поврзани со доставувањето и враќањето на производите.

Пример: Доколку производот е купен во Скопје, а потрошувачот живее во Тетово каде што нема овластен сервис, во тој случај потрошувачот самостојно го носи производот на сервисирање во Скопје, а за таа цел трговецот треба да му ги надомести трошоците поврзани со доставувањето на производот.

Рокови и начин на отстранување на недостатоците

Недостатоците кои се откриени од страна на потрошувачот, трговецот мора да ги отстрани во  рок од 30 дена од моментот на поднесувањето на барањето од страна на потрошувачот или по добивањето на решение од надлежниот инспекциски орган со кое е наредено трговецот да ги отстрани недостатоците во определен рок.

За производите кои служат за потрајна употреба, трговецот е должен, по приемот на барањето од потрошувачот, веднаш да му достави соодветен производ кој потрошувачот ќе го користи за време на поправката на производот. 

Во случај на отстранување на недостаток на производот, гарантниот рок се продолжува за времето во кое производот не е користен. Ова време се пресметува од денот на барањето на потрошувачот за отстранување на недостатокот.

Во случај на отстранување на недостатоци со замена на производот кој се склопува или е  оставен дел на производот за кој се утврдени гарантни рокови, гарантниот рок за новиот производ почнува да тече од денот кога на потрошувачот му е испорачан производот чиј недостаток се отстранува.

Ревизија на цената

При замена на производот со недостаток за производ со иста трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот, не се врши ревизија на цената на производот во случаи ако во меѓувреме дошло до промена на цената на тој производ.

При раскинување на договорот со потрошувачот, а во случај ако во меѓувреме дошло до зголемување на цената на производот, се врши ревизија на цената на производот, при што се зема предвид цената на производот во моментот на истакнувањето на барањето, а во случај ако во меѓувреме дошло до намалување на цената на производот, тогаш се зема предвид цената на производот во моментот на купувањето.

При замена на производот со недостаток со производ со друга трговска марка, тип, индустриски дизајн или ознака за потекло и географска ознака на производот, во случаи кога цената на производот е зголемена, ревизијата на цената на производот се врши врз основа на цената на производот која важи во моментот на замената.

На потрошувачите на кои производот им е продаден на кредит, во случај на раскинување на договорот за продажба, им се враќа паричниот износ кој на име на плаќање на кредитот е уплатен до моментот на враќање на производот, а се надоместува и износот што е платен за добивање на кредитот.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.