Соња Стаменкова, градоначалник на Македонска Каменица: Затворање на рудниците ќе донесе голема невработеност и иселување од нашиот град

Во интервју за еМагазин, Соња Стаменкова, градоначалник на Македонска Каменица, зборува за последиците од измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини врз економскиот и севкупниот развој на Македонска Каменица и неговата околина.

Какво е според вас значењето на функционирањето на рудникот за олово и цинк „Саса“ што се наоѓа на територијата на општина Македонска Каменица за економскиот и севкупниот развој на вашиот град и неговата околина?

- Бидејќи не постои алтернативен развој во нашата општина, рудникот „Саса“ е единствен економски субјект, покрај неколкуте конфекции кои се занимаваат со т.н. лон - производство. Се што функционира во Македонска Каменица е на директен или индиректен начин поврзано со работата на рудникот. Општинскиот буџет се полни по основ на концесија за минерални суровини од рудникот. Без овие средства општината би ги задоволувала само основните потреби, без можност за инвестиции. 

Македонската асоцијација за рударство излезе со загриженост дека најавените ригорозни одредби и забрани предвидени во измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, кои се во Собраниска процедура, доколку се усвојат, ќе доведат до затворање на постојните активни рудници во земјава. Каков е Вашиот став околу ваквата можност? Какви би биле ефектите врз градот од евентуално затворање на рудникот „Саса“?  

 - Се надевам дека по јавната расправа во која ќе учествуваат сите засегнати страни, законот ќе се дефинира да ги задоволи и економскиот и еколошкиот аспект. Македонска Каменица е создадена и егзистира токму поради рудниците. Доколку се затворат, ќе се повтори 2002-ра година кога рудникот поради стечај не работеше три години, за кој период многу млади си заминаа од државата. 

Од вашите секојдневни контаки со жителите на Македонска Каменица, дали чувствувате доза на загриженост кај нив од вестите дека може да дојде до евентуално затворање на рудниците во земјава?

- Едноставно луѓето не сакаат да размислуваат во тој правец. Со самата можност за затворање на рудниците  околу 1000 семејства ќе останат без егзистенција.  Тие знаат дека постојат резерви за експлоатација и веруваат дека покрај еколошкиот момент кој не смее да се занемари ќе се изнајдат начини рудниците да продолжат со работа особено онаму каде што не постои друг начин на егзистенција, како што е случајот со Македонска Каменица. 

Со оглед на тоа што самата потекнувате од рударско семејство, дали можете да ни кажете какви беа ефектите врз животот во Македонска Каменица во периодот од пред 15 години кога рудникот заради стечајната постапка мораше да ја стопира работата?  

- Како што споменав,  Македонска Каменица е создадена и егзистира токму поради рудниците. Лошото искуство од 2002-ра година никој не сака да се повтори. 

Како ја оценувате досегашната соработка на општината со рудникот „Саса“ и како гледате на ваквата соработка во иднина?

- Како нов градоначалник, со раководството на рудникот имавме интензивни средби на кои се запознав со стратегијата за развој и плановите на новото раководство на рудникот, при што  ја ги дефиниравме насоките за соработката во иднина. Рудникот  „Саса“ има капацитет да ги задоволи сите еколошки стандарди по светски, европски и домашни нормативи. Тие се запознаени со нашите заложби за здрава животна средина и тука наидовме на разбирање. Како општествено одговорна компанија имаат стратегија за заштита на околината и уверена сум дека до крај ќе ја почитуваат и исполнат. Во заеднички интерес е соработката да продолжи и во иднина.  

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.