Поскапиот дизел го намали попустот кај таксистите

Иако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука од денеска дизелот да се продава за денар поевтино, сепак од последната недела од декември до сега цената на ова гориво е поголема за четири ипол денари, што е резултат на зголемување на акцизата за три ипол денари од почетокот на годината.

Освен бранот поскапувања од почетокот на годината, зголемената цена на дизелот се одрази и кај такси превозниците.

Иако нема промена на цената по километар, во такси превозот, поскапиот дизел се одрази кај попустите кои ги даваат таксистите.

Додека некои такси компании досега даваа попуст од 40 денари на прикажаната цена на таксиметарот, сега намалувањето е 20 денари. Дел од таксистите кои имаа попуст со поскапување на дизелот, сега го укинаа.

-Не ни се исплати да даваме поголеми попусти. Дизелот поскапе многу, плус акцизата што се зголеми од Нова Година. Немаме сметка веќе да намалуваме од цената, вели еден таксист.

Такси превозниците не ја исклучуваат можноста ако продолжи да расте цената на горивата да бараат и зголемување на  цената за километар која во моментов е 25 денари.

Според последната одлука на РКЕ, новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 од денеска  изнесува 68, а цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 е непроменета, односно 69,5 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се продава за 59,5 денари за литар.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.