Дарко Мирковиќ пред да дојде во Скопје: Мојата животна цел е да допрам до што поголем број на луѓе

Дарко Мирковиќ, најдобриот мотивациски говорник за менаџмент на Балканот за прв пат доаѓа во Скопје. Тој има фасцинантна биографија, а на јавноста и е познат како мотивациски говорник претприемач, консултант и тренер кој секојдневно ги поттикнува луѓето да направат натпросечни резултати во своите области.

Настанот ќе се одржи во хотел Арка, на 12 февруари, во 18.30 часот.

Пред неговото доаѓање во Скопје, еМагазин направи интервју со него.

Од кога датираат Вашите први сеќавања за изборот на професијата Мотивациски говорник? Кои се Вашите претходни работни искуства?

- Прв пат го посакав тоа во 2003-та година кога присуствував на едно предавање на кое имаше 250 слушатели. Почувствував голема желба да бидам на бината и за многу брзо време таа желба стана реалност. После 14 години се случи истиот предавач на кој тогаш му се восхитував да се најде во мојата публика и од него, после предавањето, добив преубави комплименти.



Дали имате следбеници за кои можете да тврдите дека директно Вие сте ги инспирирале и мотивирале да станат подобри во она што го работат?

- Голем број. Од времето кога бев раководител на продажба работата ми беше да ги најдам и обучам сопствените кадри. Многу од тие луѓе, низ годините, сменија компании и голем број од нив се истакнуваа над своите колеги. Често ги прашувале кој ги обучувал и поради нивните препораки почнав да добивам покани да одржувам тренинзи. Сега често ми се случува некој да ми пријде на улица со насмевка на лицето и да ми се заблагодари, а јас едноставно да не можам да се сетам која е таа личност (на кој тренинг била), па некогаш дури ми е непријатно поради тоа. Минатата година имав тренинг за над 4.000 лица. За некои компании обучувам луѓе во континуитет и го следам нивниот резултат, и на многу од тие студенти сум горд, како и тие на мене.

Кои се Вашите бизнис активности на дневно ниво?

- Многу патувам низ регионот, така што мојот најголем дел од активностите е концентриран на патување и тренинзи. Во меѓувреме работам на презентациите затоа што имам многу „Tailer Made“ курсеви затоа што секоја компанија е приказна сама по себе. Во останатиот дел од времето ја водам фирмата Алтерна Интернатионал и развивам нови програми за тренинг, идеи за онлајн учење и работни материјали.

Како се запознавте со Брајан Трејси и како тој влијаеше на вашиот развој да станете она што сте денес?

2004-та година од еден пријател ја добив книгата „Цели“ од Брајан Трејси. Кога за прв пат ја прочитав таа книга сфатив дека јас немам цели во животот, туку само желби. Тогаш за прв пат си ги поставив моите цели и ги разработив. Мојот живот почна да се менува од корен. Ги прочитав сите книги на Брајан кои се преведени на српски и го проучив животот на тој човек, и едноставно законот на привлекување го направи своето. Ендрју Филипс, партнерот на франшизата на Брајан, го истражуваше нашиот регион и бараше партнер, и така дојде до моето име.

После проверка на препораките се покажа дека нашите филозофии за начинот на обука се поклопуваат па затоа ми понудија Мастер лиценца за Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Во меѓувреме станав многу близок пријател со Брајан и неговата фамилија и секој момент кој го поминувам со нив вреди повеќе од злато.

Што да очекуваат посетителите од Вашето предавање во Скопје?

- Посетителите може да очекуваат еден искрен, енергичен и структуриран настап со клучни пораки кои им помогнале на милиони луѓе, од цел свет, полесно и побрзо да ги остварат и надминат своите цели.

Дали некои од заинтересираните посетители на настанот во Скопје, во хотелот Арка, ќе имаат и понатамошна можност да ги следат Вашите програми?

- Ќе ми претставува голема чест и задоволство да останам во контакт со сите кои би дошле на настанот, и да продолжиме заедно да разменува искуства. Сите тие се луѓе со искуства и резултати, и некогаш само една идеја може на некој од нив да им ја подобри кариерата.

Асоцијацијата на менаџери секогаш ќе се труди на своите членови да им помогне со слични проекти, и јас сакам да го дадам својот придонес затоа што многу имам вложени во своето знаење и искуство, и со уживање го споделувам со сите кои сакаат повеќе од тоа што во моментот го остваруваат.

Мојата животна цел е да допрам до што поголем број на луѓе за да ги постават и остварат своите цели и при тоа да го зголемат својот личен потенцијал

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести