(ВО ЖИВО) Новата супер-ракета на Илон Маск ќе одлета во Вселената со хитот на Дејвид Боуви „Спејс одити“

1125 Views Февруари 6, 2018 Техно Никола Осило

Компанијата „Спејс икс“ на Илон Маск, основач на производителот на електрични автомобили „Тесла“, денеска од космичкиот центар „Кенеди“ треба да ја лансира супер тешката ракета-носaч „Фалкон хеви“.

„Фалкон хеви“ е досега најголемата конструирана ракета со најмалку двапати поголема носивост од другите слични ракети. Така на пример, може да понeсе товар со тежина од 64 тони, додека руската Протон-М, која е во редовна употреба, има носивост од 23 тони.

Лансирањата на претходните ракети „Фалкон“, не беа секогаш успешни и вистински товар овојпат нема да има. Наместо тоа Маск во Вселената ќе ја испрати својота стара темно-црвена корвета „Тесла“.

Автомобилот ќе биде поставен на орбита која во елписа се протега од Сонцето кон Марс, а неговиот музички систем постојано ќе го репродуцира хитот на Дејвид Боуви, „Спејс одити“.

„Автомобилот ќе се оддалечи од Земјата на околу 400 милиони километри и ќе лета со брзина од 11 километри во секунда“, изјави Маск.

Тој додаде дека според оценките, возилото ќе се наоѓа на таа орбита „неколку милиони години или можеби и повеќе од една милијарда години“. На автомобилот на Маск се инсталирани три камери кои ќе праќаат, како што најави, „епски“ снимки.

На р’тот Канаверал на Флорида, каде што е лоциран центарот „Кенеди“, се очекува да се соберат илјадници лица за да присуствуваат на лансирањето на ракетата, кое е закажано за во 19:30 часот по средноевропско време.

„Спејск икс“ треба да ја постави ракетата на космодромот три часа пред времето за старт. Но, ако се случи некаков технички пропуст, лансирањето би можело да биде одложено за утре.

Во суштина, „Фалкон хеви“ е група од три споени ракети „Фалкон 9“, кои компанијата ги користи од поодамна. Ваква конфигурација од три ракети бараше повеќе модификации и зацврстување на централната ракета-носач.

Новина за оваа ракета е тоа што двете помали ракети од првото ниво имаат способност да се вратат назад на Земјата и повторо да се искористат. Со тоа вкупната цена на чинење на „Фалкон хеви“ е многу помала од досегашните традиционални ракети.

Ракетата е составена од 27 мотори кои се способни да создаваат сила од 23.000 килоњутни. Како таква, оваа модификација од три ракети е навистина комплексна и шансите за неуспешно лансирање не се мали.

Советските инжинери, на пример, се обидуваа четири пати да лансираат ракета со пет нивоа и 30 мотори, но ниту една не успеа да стигне до орбитата.

Во врска со ова, Елон Макс изјави дека ако се случат непредвидени работи се надева „дека ракетата барем ќе одлета од стартната платформа, а не да експлодира во место“.

„Тука имаме експлозиван материјал кој е еквивелантен на помалку од два милиони килограми ТНТ. Ако тоа чудо експлодира, тука нема ништо да остане“, изјави Маск.

Фото:spacenews.com

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!

Најчитани вести