Најниски плати и најголема невработеност: Во Североисточна Македонија се живее најтешко

848 Views Февруари 7, 2018 Беспарица Никола Осило

Условите за живот во различните региони во Македонија, се различни. Некои региони се карактеризираат со висока стапка на невработеност, некои со нето плата повисока од просечната плата во земјава, во некои региони има поголем број на домаќинства што примаат социјална помош во споредба со други региони, и слично.

За да го измери квалитетот на живот низ регионите во земјава Институтот за економски истражувања и политики „Finance think“ создаде индекс на економски тешкотии кој ја мери економската состојба во регионите во Македонија.

Индексот на економски тешкотии ја мери економската состојба во регионите во Македонија, и вклучува неколку индикатори кои даваат сеопфатен преглед на условите за живот во секој регион пооделно.

Четирите варијабли вклучени во индексот се: стапка на невработеност, просечна нето плата, старосна зависност, домаќинства – корисници на социјална помош.

Износот на индексот за економски тешкотии е медијана од четирите варијабли стандардизирани на скала од 0 до 100. Индексот се движи од 0 до 10, а повисок износ на индекс значи полоша економска состојба во регионот.

Пресметаниот индекс на економски тешкотии покажува дека во Македонија, најтешко се живее во Североисточниот регион, бидејќи во тој регион стапката на невработеност од 42,2 отсто е далеку повисока во однос на сите останати региони, а просечната исплатена нето плата е една од најниските во државава.

Југозападниот регион, со индекс на економски тешкотии 9,9 е втор регион во кој се живее најтешко, како резултат на тоа што секој трет жител на овој регион е невработен, а дури 36,1 од 1.000 домаќинствата што живеат тука, се издржуваат со помош на државата.

Во Вардарски, Југоисточен и Источен регион индексот на економски тешкотии се движи во интервалот 8 – 7, што покажува дека во овие региони се живее полесно, пред се поради стапките на невработеност од 21,6 отсто, 16,4 отсто и 14,1 отсто, соодветно, кои се пониски од националната стапка на невработеност од 23,7 отсто.

И регионот на Пелагонија се карактеризира со стапка на невработеност (19 отсто) пониска од националната стапка, но коефициентот на старосна зависност од 45,5 покажува дека тука живее најстаро население.

Она што е карактеристично за Скопскиот регион пак, е што е единствен регион во кој просечната исплатена нето плата од 26.243 денари е повисока од просечната исплатена нето плата во земјава. Полошкиот регион е регионот во Македонија во кој се живее најлесно. Индексот од 6.6 најмногу се должи на малиот број на домаќинства приматели.

Во Североисточна Македонија се живее најтешко на социјална помош, а коефициентот на старосна зависност има најмала вредност во однос на сите останати региони, што значи дека во Полог живее најмладо население.

Како да се „изедначи“ квалитетот на живот во сите региони?

„Тешко, скоро невозможно, е да се влијае врз целосно изедначување на квалитетот на живот на ниво на Македонија, со оглед на тоа што секој регион си има свои карактеристики кои го прават животот различен. На пример, Источниот регион се одликува со најниска исплатена нето-плата од 16.701 денари, како резултат на тоа што во овој регион најголем дел од работниците се во текстилната индустрија, која години наназад исплаќа најниски (минимални) плати.

Но, за целокупно подобрување на квалитетот на живот најбитно е да се превземаат мерки кои ќе поттикнат отворање нови работни места, кои понатаму може да влијаат на сите останати варијабли вклучени во индексот“, велат од „Finance think“.

Оттаму укажуваат дека еден дел од овие мерки може да бидат сконцентрирани во:

- Насочување на странски директни инвестиции во регионите со највисоки стапки на невработеност, преку креирање поповолни услови и бенефиции;

- Моделирање на активните мерки за вработување согласно регионалните потреби (на пример во Југозападна Македонија поголем дел од средствата за активни мерки да се насочат кон вработување на социјално ранливи лица – приматели на социјална помош, а во Полог да се фаворизираат мерките наменети за млади лица).

- Привлекување на нови инвестиции согласно секторскиот капацитет на регионот, кои покрај директни ќе поттикнат и индиректни вработувања (на пример отворање фабрика за преработка на овошје во Вардарска Македонија (Росоман, Кавадарци, Неготино) ќе поттикне многу жители да се занимаваат со овоштарство (гранка карактеристична за овој регион).

Извор: Finance think./Фото: romaniajournal.ro

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!