Напнато во Егејот: Растат тензиите помеѓу членките на НАТО, Грција и Турција

487 Views Февруари 14, 2018 Балкан Редакција Емагазин

Грција и Турција изнесуваат различни ставови во врска со инцидентот од понеделникот вечерта нешто пред полноќ, кога се судрија турски и грчки брод во близина на ненаселениот остров Имија/Кардак.

Министерството за надворешни работи на Турција тврди дека инцидентот го предизвикал грчкиот брод, додека Атина обвинува дека турскиот брод удрил во грчкиот.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, за инцидентот телефонски разговараа и премиерите на двете земји.

Грчкото Министерството за надворешни работи, како што јави вчера МИА, соопшти дека генералниот секретар на Министерството упатил демарш до неговиот турски колега.

Турското Министерство пак обвинува дека „грчката страна ги извртува фактите“, додавајќи демарш бил упатен од Анкара до Атина за „инцидентот предизвикан од грчката Крајбрежна служба поради опасните маневри во близина на карпата Кардак, што е под турски суверенитет“.

На ова реагираше портпаролот на грчкото Министерството за надворешни работи, Александрос Гениматас, кој во писмена изјава вели дека Турција „загубила мерка и здрав разум“ и „освен што го прекршува меѓународното право, се покажува и дека не знае ниту географија“.

За инцидентот, по барање на турската страна телефонски разговарале премиерите на Грција и Турција, Алексис Ципрас и Бинали Јилдирим.

Според соопштението на Кабинетот на Ципрас, грчкиот премиер му посочил на Јилдирим дека ваквите инциденти ги поткопуваат грчко- турските и евро-турските односи и го прекршуваат меѓународното право, потенцирајќи ја потребата да запрат „турските прекршувања“ и по море и по воздух и да дојде до намалување на тензијата.

На крајот од разговорот, двајцата премиери се согласиле дека треба да се интензивираат разговорите за мерките за градење доверба.

Според грчката Крајбрежна служба, инцидентот се случил завчера во 23.40 часот по локално време во реонот околу островот Имија/Кардак на територија на Грција, кога турски патролен брод удрил во пловило на грчката Крајбрежна службам при што е предизвикана само материјална штета, но не е повреден ниту еден од членовите на двата екипажи. 

САД повикаа на намалување на тензиите во Егејското Море

САД синоќа ги повикаа Грција и Турција за намалување на тензиите во Егејското Море, по инцидентот при кој турски патролен чамец се судри со брод на грчката Крајбрежна стража во реонот на двата мали острови Имија/Кардак, за чии суверенитет спорат двете земји. 

Во соопштение на американскиот Стејт департмент се посочува дека двете земји треба да најдат билатерално решение за спорот.

- Вашингтон го поддржува суверенитетот на сите земји во регионот, вклучително и на Грција и Турција и ги повикуваат двете држави да преземат мерки што ќе доведат до смирување на сегашната состојба, се додава во соопштението на Стејт департментот. 

Инцидентот се случи завчера во 23.40 часот по локално време во реонот на Имија/Карадак, кога турско патролно пловило удри во брод на грчката Крајбрежна служба, при што е предизвикана само материјална штета, но не е повреден ниту еден од членовите на двата екипажи. 

Генералниот секретар на грчкото Министерство за надворешни работи вчера упати демарш до неговиот турски колега во врска со инцидентот. Истовремено, во грчкото Министерство за надворешни работи беше повикан и турскиот амбасадор во Атина. 

- Опасни инциденти како овој, што ги ставаат во опасност човечките животи, се резултат на интензивното и провокативното однесување на Турција, што е зголемено во последните денови. Турција мора да запре со прекршувањата на меѓународното право и со постапките кои не придонесуваат за развој на односите меѓу двете земји, постапки што ја поткопуваат регионалната безбедност и стабилност, кои Грција ги брани и ќе продолжи да ги брани, соопшти грчкото Министерство. 

МИА

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.