Андонова: 175 едноставни и економични рецепти за нега, кои можете да ги подготвите дома

Промоција на книгата „Природно убави со Биодевојка“ од блогерката Вики Андонова, ќе се одржи на утре во 18 часот во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ (Public Room).

„Природно убави со Биодевојка“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, содржи 175 природни, органски рецепти за нега на лице, тело и коса, што можете да ги подготвите во домашни услови. Рецептите се едноставни, практични, функционални и економични. Поголемиот дел од нив се подготвуваат со состојки што веќе ги имате во вашата кујна.

Правењето природни средства за нега во сопствените домови не значи само можност за заштеда и забава туку значи и правење на козметички производи што се свежи (направени во моментот) и богати со активни состојки што се од огромно значење за здравјето и за убавината на кожата и косата.

Во вторник ќе биде промовирана вашата книга „Природно убави со Биодевојка“. Како се роди идејата совети за нега со природни состојки, да ги соберете на едно место во оваа книга?

-Мојата  приказна започна пред околу 12 години кога се преселив во Рим. Во зоната каде што живеев , на околу 300 метри од мојот стан, имаше една продавничка на која пишуваше “Erboristeria” (на македонски би било билна аптека).

Имаше навистина преубав излог полн со најразлична козметика и шминка, која дотогаш ја немав видено, листови од разни билки и прекрасни суви и свежи цветови, со еден збор изгледаше божанствено. Долго време само поминував покрај неа без да влезам внатре (научена да си купувам се од парфимерии) се додека еден ден не забележав еден натпис : „Утре, огромна презентација на најновите органски производи” Од љубопитност отидов утредента, влегов внатре и...повеќе не бев иста...

Судбината сакаше да се вратам во Скопје пред околу 3 години. Каде го отворив својот блог и почнав да пишувам зошто е пожелно комерцијалната козметика да се замени со органската и како да ги препознаваме штетните состојки во комерцијалните производи. Исто така моја цел беше да ги информирам читателите како сами да се негуваат на најприроден можен начин со состојки кои ги имаат во сопствените кујни.

Морам да кажам дека немав веднаш голем одзив од страна на читателите, бидејќи во тој период барем кај нас сеуште не беше развиена културата за органска козметика иако на пазарот веќе беа присутни неколку важни и светски познати органски марки. Јас на почетокот си реков и само двајца да ме читаат со огромна љубов ќе пишувам само за нив.

Навистина бев многу упорна да ги информирам читателите кои се придобивките од користењето на органска козметика и какви бенефиции истата нуди врз кожата и косата. Моја огромна желба беше сето тоа да го преточам во еден мал прирачник кој чекор по чекор ќе ги води кон поздрава кожа и коса.

Упорно работев и одвојував рецепти кои со текот на времето ги подобрував и усовршував. На моја огромна радост можам да каам дека денес добивам навистина премногу приватни и јавни пораки од читатели кои се сѐ повеќе заинтереисани за овој прекрасен мал органски свет и секако од луѓе кои преминале на органска нега и веќе ги искусиле сите благодети од ваквиот начин на нега на кожата и косата.

Дали ги имате испробано сите овие 175 природни органски рецепти кои ги препорачувате во книгата и дали освен рецепти има и совети?

-Секако, лично имам испробано сѐ она што се наоѓа како рецепт во книгата И не само јас, туку поголем дел од рецептите се испробани од мои блиски другарки од Скопје и од Рим со различна проблематика на кожата и косата. Некои од рецептите  се напишани одамна, па со текот на времето се подобрени и усовршени. Најнапред замислата ми беше да направам еден вид на „козметички готвач“ ако може така да го наречам, затоа што сакав да содржи природни рецепти за нега на кожата и косата.

 Меѓутоа се ставив на местото на читателите и се запрашав каков вид на книга би сакала јас самата да купам доколку сакам да го променам начинот на нега на кожата и косата и што точно би сакала даа книга да содржи. Затоа и се решив да го направам како еден комплетен мал водич. Освен 175-те рецепти кои се наменети за различен тип на кожа коса или пак за одредена проблематика, книгата содржи и теоретски дел најнапред за разликите помеѓу комарцијалната, природната и органската козметика.

Имам јасно означено кои состојки е пожелно да се избегнуваат во еден козметички производ и зошто, односно какво е нивното дејство врз коата и косата. Исто така теоретскиот дел опфаќа совети за правилна нега на кожата и косата, совети за правилна заштита од сонцето и водич при изборот на состојките за нега на кожата и косата. Можам да кажам дека оваа книга претставува еден мал комплетен водич како за почетници, така и за оние кои веќе се негуваат во склад со мојата филозофија. Јазикот на кој е напишана е лесно разбирлив за сите читатели.

Само здравата кожа е убава кожа

Која природна состојка е најдобар сојузник на жената? Или пак различни состојки се добри за различна намена?

-Тешко е да се одговори на ова прашање генерално, затоа што секој од нас е посебен и иста состојка никогаш не дава исти резултати кај сите нас. Сѐ зависи од од типот на кожата на која ја нанесуваме, од количината и квалитетот на  самата состојка и каква реакција истата ќе предизвика врз кожата.

Што е предноста на органски направената козметика, во однос на хемиската, која се уште предничи во користењето?

-Нашата кожа е најголемиот орган што го имаме и таа буквално апсорбира и се храни со сѐ она што ние ќе го дадеме. Затоа, од огромна важност е да ја негуваме правилно и со соодветна козметика.За да ви одговорам на ова прашање, потребно е најнапред накратко да објаснам што претставува комерцијалната козметика, а што органската.

Комерцијалната козметика во својот состав претежно содржи хемиски состојки како силикон и и нафтени деривати кои се база на самиот производ. Овој вид на состојки масовно се користат најнапред поради ниската цена, а потоа и поради брзиот навидум “позитивен ефект“ кој го даваат врз лицето.

Силиконите на пример прават еден вид на маска или бариера врз кожата, го оневозможуваат правилното дишење на самата кожа и даваат лажен ефект на мазна и убава кожа, додека истата под нив неможе да дише. Сличен е случајот и со нафтените деривати кои оневозможуваат кожата правично да разменува вода со надворешните услови, и постои ризик да се колонизираат бактерии и населат габички, кои одлично се развиваат во услови на преголема влага и се појавуваатинфекции. Овие состојки воопшто не се компатибилни со самата кожа.

Од друга страна пак, органската козметика како база содржи природни масла и путери кои вистиснји ја негуваат кожата, и се во служба на самата кожа, а производот и кожата се во меѓусебна хармонија и рамнотежа. Органската козметика ги почитува стандардите на одредени институти кои ја имаат сертифицирано како таква. Содржи поголем или помал број на состојки добиени од органско потекло, од контролирана средина одгледувани без употреба на пестициди или хемиски ѓубрива. Во никој случај не смее да содржи силикони, нафтени деривати, парабени и други синтетички состојки.

Преминот кон органската козметика не е лесен за кожата и косата кои со години и години се навикнале на хемиски состојки, и сега конечно се прочистуваат од нив. Меѓутоа кога еднаш ќе ја прекинете “љубовта“ со комерцијалните производи и ќе преминете кон органското, сами ќе ја почувствувате разликата.

Кожата е слободна да дише, способна е да ги искористи сите активни состојки во производот,кои ја потпомагаат нејзината природна функција и од ден на ден станува поздрава, а со самото тоа и поубава. Верувајте ми само здравата кожа е убава кожа. Ист е случајот и со косата.

Мора да сфатиме дека органското е грижа за себе си, за сопствената кожа и коса, меѓутоа и за средината во која живееме. Голем дел од состојките во комерцијалната козметика не се воопшто биоразградливи и можеби сега ние нема да ги почувствуваме штетните влијанија врз околината, меѓутоа, доколку продолжиме со употребата на истите, следните генерации дефинитивно ќе ги почувствуваат последиците.

Се повеќе жените се ориентираат кон органската козметика, исто како и органските производи во исхраната. Дали сметате дека времето на оваа козметика допрва доаѓа и дека се уште не се доволно искористени бенефитите од неа?

-Јас сум навистина огромен поборник за органското и секако за природната нега на кожата и косата.меѓутоа сметам дека желбата за премин кон органска козметика треба да доаѓа од внатре. Органското не е еден вид на мода или пак тренд кој треба да се следи и потребно е да се почувствува поттик овој премин да се направи за сопствено добро.

Мојот најголем совет кон сите читатели е да го направат првиот чекор кон органското, доколку длабоко во себе почувствуваат дека се подготвени за такво нешто. Не затоа што е модерно да се негуваат на органски начин или затоа што сосетката преминала на органско, туку затоа што на некој начин станале свесни што досега си мачкале на кожата и косата и дека е време нешто да променат за свое сопствено добро.

Инаку судејќи според бројот на читателки кои секојдневно ме контактираат за совет, препорака на козметички производ или чисто да споделат искуство, сметам дека времето на органската козметика допрва доаѓа и дека на моја огромна радост и среќа, луѓето секојдневно стануваат свесни за бенефициите на овој тип на козметика.

 Лично се надевам дека органската козметика во иднина ќе успее да надвладее до тој степен што компаниите кои досега произведувале комерцијална козметика, со цел да се приспособат кон побарувачката на пазарот,комплетно  ќе ги променат своите формули и ќе се фокусираат само на производство на органска козметика.

Што да очекуваме на промоцијата во вторник?

Промоцијата во вторник ќе биде навистина интересна и оригинална каде ќе ја претставам книгата низ еден вид на козметичка работилница. Ќе поканам дел од посетителите на самата промоција (по случаен избор и доколку сакаат секако) заедно со мене да направат дел од рецептите кои се прикажани во самата книга. На овој начин сакам да им покажам на сите оние кои ќе бидат присутни на самата промоција, колку е инетерсно, едноставно и забавно да се негуваат на најприроден можен начин. Огромно е задоволството да направиме нешто со сопствените раце и да гледаме како состојките се претвораат во нешто ново и корисно.

За првите 50 купени книги на самата промоција ќе доделам по еден козметички производ (по случаен избор) од следниве природни и /или органски марки кои ме поддржаа на оваа промоција и на кои сум им премногу благодарна: Dr. Haushka, Logona, Gamarde, DM-Drogerie Markt (Alverde), Institute Organica, Rezepte der Oma Gertrude Natura Siberica, Natura Italiana, Unofficial Natural Cosmetic, Sharini Organic Parfums, Phyt’s Organic Makeup.

Секоја книга на самата промоција ќе биде потпишана од мене со лична посвета за оној кој ја купил.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

Најчитани вести