Платинест медал за врвното црвено вино „Барово“ на Decanter во Лондон

Врвното „тероар“ црвено вино „Барово“ на Винарската визба „Тиквеш“, од бербата 2015-та, е наградено со платинест медал на еден од најмасовните меѓународни вински натпревари - Decanter 2018, кој се одржува во Лондон, а на кој секоја година за престиж во винскиот свет се борат над 17.000 вина од најпознатите вински региони.

Платинест медал се доделува само на искучителните вина – добитници на златни медали, во специјална оценувачка сесија. Стручното жири на Decanter, составено од дури 250 вински експерти на „Барово“ годинава му додели 97 поени и плaтинест медал со што ова врвно македонско вино е издвоено од сите останати добитници на највисоки награди.

За одличниот впечаток што го оставија вината на „Тиквеш“ на годинешниот 15-ти светски вински натпревар Decanter, говори и податокот дека стручното жири на натпреварот им додели награди и на уште 12 вина на „Тиквеш“ кои учествуваа на натпреварот.

Сребрени медали освоија двете црвени вина „Александрија куве“ и „Т’га за југ“ од бербата 2016-та, а бронзени медали им се доделени на шест вина, и тоа на: „Каберне франк“, „Вранец“ и „Плавец“ од серијата Special Selection, како и на: „Темјаника (класик)“, „Александрија (розе)“ и „Шардоне Оак Edition“.

Дополнително, четири вина на „Тиквеш“ добија специјални пофалници. Истовремено, вината на „Тиквеш“ освоија значајни награди и на eден од најголемите вински натпревари во нашиот регион – Balkan International Wine Competition (BIWC) 2018, што се одржува во главниот град на Бугарија, Софија.

И на овој натпревар златен медал освои црвеното вино „Барово“ од бербата 2013-та, сребрени медали им се доделени на „Домен Лепово гранд куве 2015“, „Темјаника Special Selection 2015” и „Виоње Special Selection 2017”, а бронзен медал на виното „Т’га за југ 2016“.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.