(ВИДЕО) Историска средба на Трамп и Ким: Што се договорија?

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун денеска потпишаа„сеопфатен" заеднички документ. 

- Тоа беше прекрасен ден и ние многу научивме еден за друг и за нашите земји, изјави Трамп по потпишувањето на документот. На прашањето што научил за Ким, Трамп рече дека тоа е многу талентиран човек, кој многу си ја сака сопствената земја. Потоа му подаде рака на Ким и имаа долго ракување.

На прашањето дали повторно ќе се сретне со Ким, американскиот претседател рече дека тие ќе имаат „уште многу, многу средби“.

Од своја страна, Ким ја поздрави „историската средба“ и наведе дека „го остава минатото зад себе“.

- Денеска имавме историска средба и одлучивме да го оставиме минатото зад себе. Светот ќе види огромна промена. Би сакал да изразам благодарност до претседателот Трамп, кој ја овозможи оваа средба, изјави севернокорејскиот лидер.

Кина соопшти дека самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун креира „нова историја“ и повика на „целосна денуклеаризација“. 

Трамп и Ким се обврзаа да работат за целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров

Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, на крајот на историскиот самит потпишаа заеднички документ, во кој се обврзаа да работат на „целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“.

Белата куќа се уште официјално не го објави текстот на документот, но новинарите го фотографираа на церемонијата на потпишување.

Во документот се наведува дека двајцата лидери ќе вложат напори за „изградба на траен и стабилен мировен режим“ на Корејскиот Полуостров.

Во документот има четири широко дефинирани обврски, кои накусо се однесуваат на:

1  САД - Демократска Народна Република Кореја се обврзуваат да изградат нови односи согласно желбата на народите на тие две земји за мир и просперитет.

2. САД и Северна Кореја ќе ги усогласат своите напори за градење траен и стабилен мировен режим на Корејскиот Полуостров.  

3. Согласно Декларацијата од 27 април 2018 година од Панмунџом, Северна Кореја се обврзува да работи на целосна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.

4. САД и Северна Кореја се обврзуваат да работат на враќање на  посмртни остатоци од воени заробеници и исчезанти во воени акции.

По потпишувањето на документот, Трамп рече дека процесот на денуклеаризација на Корејскиот Полуостров ќе почне „многу, многу бргу“.

По потпишувањето, Трамп рече дека станува збор за „сеопфатен“ и најави дека детали за него ќе соопшти на прес-конференцијата која треба набрзо да почне, која е најавена за 10 часот по централноевропско време.

Целта на историските разговори е пронаоѓање начин за ставање крај на нуклеарната програма на Северна Кореја: Американските медиуми потенцираат дека доколку Самитот успее, тоа ќе донесе трајна промена на безбедносното опкружување во североисточна Азија, како во случајот со посетата на поранешниот претседател на САД Ричард Никсон на Кина во 1972 година, која доведе до трансформација на Кина

МИА/Видео: Fox News

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.