Новинарите треба да работат без притисоци и закани

Подобрувањето на безбедноста на новинарите за време на настани со висок ризик, беше во фокусот на работилницата поддржана ОБСЕ, која се одржа денес во Скопје и на која присуствуваа околу 20 новинари и полициски службеници.

Работилницата заеднички од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за внатрешни работи и Здружението на новинари (ЗНМ), е шеста од серијата работилници одржани во градовите низ целата земја.

Целта е да се идентификуваат, анализираат и надминат проблемите во комуникацијата меѓу полициските службеници и новинарите, да се зајакне нивната соработка за време на настани од висок ризик и да се зголеми довербата меѓу нив.

„Научивме една многу важна работа во текот на овие работилници, а тоа е дека отворениот дијалог меѓу полицајците и новинарите е можен и многу корисен за двете групи, како и за јавноста на која и едните и другите ѝ служат. Новинарите мора да имаат услови да ја вршат својата работа во безбедна и поволна средина“, рече в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, рече дека нема оправдување за нападите врз новинарите.

„Ставот на владата е јасен и постојано го повторуваме: нула толеранција за било каков обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето. Секој напад врз новинарите ќе биде најостро осуден и санкциониран“, рече Спасовски.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, рече дека силно верува дека новинарите се важен елемент во функционирањето на демократските процеси во државата.

„Тие имаат право да работат во амбиент без притисоци и закани. Нивната мисија за информирање на граѓаните и барање отчетност од секоја влада нема да биде успешна ако работат под страв и несигурност.“

Работилниците за подобрување на безбедноста на новинарите за време на настани со висок ризик организирани во Скопје, Тетово, Охрид, Куманово, Струмица и Штип се дел од проектот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје кој има за цел да ја подобри слободата на медиумите и слободата на изразување во земјата.

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.