Франција го поздрави договорот меѓу Македонија и Грција

Франција го поздравува постигнатиот договор за прашањето за името, објавен од страна на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, се наведува во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.

Според Министерството за надворешни работи на Франција, ова е голем развој, од чиј исход корист ќе имаат и двете земји, овозможувајќи развој на нивните односи во повеќе области, преку промовирање на зајакнување на стабилноста во регионот на Балканот и Европа во целина.

Франција, која одржува блиски пријателски односи со двете земји, го поддржа текот на преговорите кои, како што се наведува, успеаја, притоа Париз ги повикува сите страни во двете земји да го поддржат договорот со цел за негово целосно спроведување.

Со соопштение се огласи и Меѓупарламентарната група за пријателство меѓу Франција и Западен Балкан, која исто така го поздрави договорот меѓу Атина и Скопје.

Договорот во име на Интерпарламентарната група за пријателство Франција-Западен Балкан во Горниот дом на францускиот парламент - Сенатот, го поздравија претседателката на групата Марта Сидрак, и заменик-претседателот Арно Базаб.

Ова според сенаторите покажува извонредно чувство на одговорност, а премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев, со тоа го отворија патот за решавање на една стара кавга, која тежеше во соседските односи, како и на внатрешните политички агенди. Сенаторите ја истакнаа, како што се наведува, „непоколебливата поддршка од страна на Обединетите нации за продолжувањето на преговорите меѓу двете страни".

Тие изразуваат надеж дека овој договор ќе биде ратификуван без проблеми и набрзо ќе стапи на сила.

„Групата за пријателство ќе ги поддржи сите напори што ќе бидат направени во оваа насока, особено во рамките на двата парламенти“, се вели во соопштението од францускиот сенат.

Фото:frontnews.eu

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.

За Авторот

Никола Осило

Професионален новинар со повеќегодишно искуство. Новинарството постои за јавноста да се информира, а не за да се контаминира. Факти пред ставови!