Економските новинари од Турција позитивно ги оценија изгледите за македонската економија

Економски новинари од 16 реномирани турски медиуми се во работна посета на Македонија и денеска по посетата на Охрид, заминуваат од државата.

На покана на Македонско-турската комора (МАТТО), на средбата со генералните менаџери на турските компании и инвеститори, тие беа информирани за економијата и за плановите за развој. Потоа, ќе ја запознаат турската јавност со македонските инвестициски, економски, туристички и други потенцијали.

„Целта е новинарите од Турција да ја анимираат турската деловна заедница за Македонија како економски партнер што ветува. Македонија со својата геостратегиска положба, евроатлантската перспектива и реформите кои значаат приближување кон ЕУ законодавството, има шанса да ги зголеми своите перформанси за турските инвстиции. Македонија за Турција може да биде регионален хаб (локација) или дел од него, во кој реално има интерес да се преселат производни индустрии наменети за ЕУ пазари, но и почва за современо земјоделско и сточарско производство“, велат од МАТТО.

Средба со македонските новинари

Во рамките на посетата, тие синоќа се сретнаа и со македонските новинари, на вечерата организирана во „Стоун бриџ“.

Во неформален разговор ни открија дека имаат позитивни впечатоци во однос на она што го виделе и слушнале од страна на турските инвеститори.

Позитивно ги оценија мерките од планот за економски раст, потенцирајќи дека е добро што со нив се опфатени и компаниите кои не се во слободните економски зони.

Предност на државата, според нив, е гео-стратегиската  поставеност, па оттука ја гледаат можноста турските инвеститори откако ќе се етаблираат на овој пазар, полесно да може да извезуваат во Европа.

За разлика од затвореноста и ограниченоста на можностите во минатото, денес, Скопје повеќе им наликува на европски отворен град.

Стартот на преговорите за членство во ЕУ, како и членството во НАТО сметаат дека би претставувал добар сигнал и за останатите инвеститори во Турција.

Економските новинари од Турција работат за едни од највлијателните медиуми таму, а голем дел од нив, со нивните текстови имаат големо влијание во јавноста.

Прашани, дали како и политичките новинари, трпат цензури, објаснија дека тоа од секогаш постоело, но на нив останува да си ја вршат работата.

Здружението на економски новинари во Турција брои околу 800 членови и тоа е независно од здружението во кои има и новинари од другите области.

Соработка помеѓу Македонија и Турција

Иако поради политичката нестабилност последниве две години турските инвестиции беа стопирани, трговијата сепак, бележи благ раст - во првите шест месеци споредени со истиот период лани за 17,4 отсто и 30,5 проценти во однос на македонскиот извоз. Во 2017 година трговската рзмена беше 455,8 милиони долари што во однос на 2016-та е зголемување за 8,5 отсто.

„Нашите членки, турските инвеститори и македонските компани кои работат со турските партнери ја очекуваат  поддршката од двете влади за натамошна либерализација на трговијата и влегување во заеднички проекти од регионалното и ЕУ значење“, потенцираат од МАТТО.

Фото: oneindia.com

При објавување на материјали од порталот emagazin.mk во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е преземен текстот.